Хоту Матуа веројатно не бил првороден син во кланот. Сакајки да избегне постојано залудно губење на животи во борбите за превласт со неговите браќа и братучеди, Хоту Матуа ги собрал следбениците и тргнал во потрага на ново место за живеење. Неговиот свештеник Хау Мака му го раскажал сонот за мал прекрасен остров што во сонот го прелетал, кажувајки ја неговата точна локација и го опишал детално. Хоту Матуа испратил извидница да го пронајдат островот од сонот на Хау Мака. После повеќемесечна потрага, извидниците потврдиле постоење на таков остров. Хоту Матуа со неговиот зет, опремиле два катаморани и ги понеле со себе фамилиите, луѓе од нивниот клан, животни, семиња за растенија, храна и вода за патувањето. После два месеци патување, здогледале остров. Стигнале во заливот подоцна наречен Анакена. Заливот потполно одговарал на описот што го дал Хау Мака. Внимателно го истражиле островот. Сепак, тоа не било рај на земјата, како што се надевале на почетокот. Островот немал река, и ниту еден поток со истечна вода. Земјиштето било скоро неплодно и ретките дрвја обезбедувале малку услови за опстојување. На остовот веќе имало жители. Локалните жители (кратките уши) со неверување гледале на придојдените. Малите обработливи површини обезбедувале се помалку сладок кромпир што бил начин да преживеат и не биле спремни тоа да го делат со новодојдените (долги уши). Хоту Матуа се трудел да го избегне судирот со староседелците на островот. Неговата желба да ги сплоти луѓето во заедница каде секој ќе ја искористи моаната со која е обдарен за доброто на сите. Општество каде нема желба за доминација и каде сите се подеднкво важни, остварувајки ја својата задача, како што пчелите работат неуморно за продолжување на поколенијата во вечноста. Само општество без алчност, завист и желба незаслужено да се подредат другите, може трајно да просперира. Судир со строседелците би го направил неговото општество исто, како она од кое решил да се ослободи, каде најблиските стануваат најголеми непријатели и меѓусебно се убиваат. Тоа за него би претставувало целосно разочарување во желбата да создаде општество без војни. Хау Мака пак сонувал и во сонот видел дека за островот да биде онаков како што тој го видел, треба и островот да има моана. Таа се изгубила бидејки кратките уши во меѓусебните војни ѓи убиле сите претци што ја поседувале. Уште повеќе тие и не ги почитувале своите претци. Светот е во постојано движење и моаната што е неопходна на секој предмет, жив или нежив, животно или човек, може да постои само во заедништво. Моаната треба постојано да се обновува и секогаш мора да се оддава почит кон заедништвото. Дури и каменот што има моана може да се движи. Островот станал неплоден поради отсуството на моана што претците ја зеле со нив, во време на судирите помеѓу клановите на кратките уши. Бидејки ако во војната се изгуби и еден човечки живот тоа е голема загуба. Со смртта на тој човек, се губи неговата моана и целото општество станува посиромашно за вештините и знаењето што тој го поседува. Сепак, смртта е составен дел на живеењето, неминовно е да се случи.
МОАНА
Согласно со усните преданија на локалните Рапа Нуи староседелци статуите поседуваат МОАНА - надприродна животна енергија што ја исполнува вселената. Во културата на Полинезиците и Малинезиците секој може да има моана, независно дали тоа се однесува на предмет, животно или човек. Тој што поседува моана може да ја користи за добро или лошо. Притоа кај луѓето ова повеќе се однесува на управување со со енергијата и силата, отколку со поседување на енергија или сила. Тоа е силата на дарба и воља. Маж или жена што поседува моана, согласно со преданијата може да ги придвижува моаите каде сака. Уште повеќе, поседувањето моана е неопходна особина на водачите кои треба да носат одлуки за акции поврзани со благодетта на населението. Затоа и изборот на поглавицата (водачот на островјаните) бил мериторен.
Претпоставувам дека новосоздаденото општество, при доселувањето на Рапануи на островот било управувано од човек што заедно со неговите блиски (неговиот клан) поседувал моана. Велам управувано а не владеено, бидејки владеењето подразбира употреба на сила, додека при управувањето е потребна мудрост, почит кон тој што поседува моана и доверба дека тој работи за унапредување на животот на островјаните. Авторитетот се наметнува, довербата се стекнува додека почитта се заслужува. Претпоставувам исто така дека изборот на водачот што ќе управува со општеството, што секако носело и привилегии и почит од сите членови на заедницата, подлежел на верифицирање. Секогаш кога ќе се појавел конкурент кој го предизвикувал тековниот управител, во определена сезона и временски рок, со својот клан и други кои му верувале, требало да изгради нов МОАИ и да го придвижи и победи во трката на моаите. МОАИ-то што му припаѓало на претходниот управител се поставувало на АХУ како спомен обележје на неговото управување по што островјаните ќе го паметат. Можеби затоа моаите имаат имиња. Сеуште постојат патишта низ целиот остров што биле изградени за да се овозможи движењето на моаите. Уште повеќе, доколку е можно статуите тешки неколку десетици тони да се придвижуваат по сопствена желба, тие при недостаток на крупни животни кои во другите краеви на светот се користат за транспорт на стоки, моаите можеле да се користат како средство за транспорт. Ако на моаи тежок повеќе десетици тони се додаде товар од неколку десетици па и стотици или илјада килограми нема да направи голема разлика. Но, не е можно моаите при движењето по тесните патеки да се разминуваат, па бројот на активни моаи морало да биде ограничен. Само кланот што го изградил и придвижил последниот моаи имал привилегија да го врши транспортот во рамките на островот. Веројатно ископаната вулканска пепел била транспортирана до градините на островјаните со помош на моаито.
ПРЕТЦИТЕ
Но, нашите предци откако ќе заминат на небото, сеуште оставаат трага и живеат, бидејки ја оставаат својата моана во нас и карпите, преку вештините што тие ги пренеле на нас и знаењето што го споделиле со нас. За овој континуитет не е потребен голем напор. Доволно е да се двајца, еден што кажува и еден што слуша. Војната не е добра за никого. И оној што се смета за победник мора да страда во немаштијата што следи и загубата на човечките вештини и знаењето на тие што погинале и разорената татковина. Само со избегнување на конфронтации од кои избегале, и почит кон предците, овој остров може да биде таков како во неговите соништа.
Но, претците изморени од однесувањето на луѓето ги напуштиле. Единствен начин за надминување на проблемите и подобрување на животот на островот е да се обнови врската со претците. Во сонот на Хау Мака дошле нивните претци водачи во форма на огромни статуи што чекореле по островот и го преобратиле во плодна земја. Долгите уши и кратките уши требале да се зафатат со градба на таквите статуи. Придвижувањето на тие статуи, штом прогледаат, би бил патот кон заздравување на природата на островот.
Во сонот видел дека голем дел од нив не стигнале да се преселат меѓу ѕвездите. Тие биле закопани на падините на изгаснатиот вулкан Рано-Рараку и тие можеле да им го овозможат остварувањето на тој сон. Нивните тела требало да се откопаат од скаменетиот вулканска пепел (туф) и нивната пепел да се врати на почвата на островот за да и се врати моаната. Ниту долгите уши ниту кратките уши биле способни самите да ги изградат и придвижат статуите на претците, туку единствено со заеднички напори можело тоа да се оствари. Таа работа требало да ја извршат заедно со кратките уши (затекнатите староседелци), кои биле вешти во обработката на каменот, додека долгите уши предводени од Хоту Матуа и Хау Мака на определен ден во годината со украсување би ги оживеале и придвижиле низ островот. За таа цел се изготвувал цилиндричен покров за главата на стауата (Пукао) и очи од корали и други материјали (Оксидиан за белките на очите и школки за зениците). Само кога моаито ќе биде споено со Пукаото и прогледа се враќа неговата моана и тоа може да се движи.
Исто така, важно било пепелта што се идвојувала при копањето на статуата и содржела моана на претците, да се собере, однесе и распостели во градините на местата каде се саделе кромпирите и другите земјоделски производи за и на тие места да се обнови врската со претците. Во почетокот, кратките уши не верувале во ваквата приказна за моана и помошта на претците. Но, уште првата жетва ги убедила дека тоа не е празна приказна. Родот на нивите бил неспоредливо поголем од порано. Со тоа се увериле дека Хоту Матуа навистина е обдарен со моана. Откако првиот моаи зачекорил по островот заедно го прифатиле како поглавица кој раководи со припадниците на индивидуалните кланови на островјаните. Но, неговата позиција не била засекогаш добиена. За време на летната сончева пресвртница, во почетокот на Февруари, за време на Тапати Рапа Нуи (Tapati RapaNui) празникот секој што сметал дека поседува моана, можел да го заземе местото на поглавица ако победи во трката на моаите. Предизвик бил да докаже дека поседува моана и дека со својот клан може да изработи нов моаи што ќе го придвижи до однапред определеното место. Моаито на стариот поглавица, што го напушта местото на водач, го поставувале на за тоа изработена платформа (Аху). Островјаните нe го заборавале и иако веќе не бил поглавица на сите кланови тој бил почитуван од сите. И додека новиот поглавица раководел со островските кланови, само моаито што тој со неговиот клан го изработил слободно се движело по патеките на островот. Притоа со моаито се пренесувале товари, за која услуга, се добивало за возврат компензација во форма на земјоделски производи или риба. За секоја услуга што ќе ја побарале од кој било жител на островот било вообичаено да се даде некаква награда или противуслуга.
Тајната за изработката и движењето на моаите се чувала во рамките на кланот и била пренесувана по линија на првородениот потомок на поглавицата Хоту Матуа. Со тоа тој се здобивал со моана што можел да ја користи и скоро секогаш бил поглавицата што управувал со островот. За островјаните трговијата немала цел. Затоа тие немале потреба од пари. Секој можел да произведе доволно храна за опстанок, а трговија со островјани оддалечени илјадници километри неизвесната пловидба по океанот била бесмислена. За секоја услуга меѓусебе си разменувале храна или некој друг производ. Островјаните немале потреба од залихи. Климата на островот обезбедувала постојана жетва през целата година. Островот доживеал процут со воспоставувањето на култот на моаите. Постојано имало обиди за градба и придвижување на моаите, но, ретко кога се успевало во тоа. На островот се избројани околу илјада моаи. А и при промена на поглавицата што најчесто бил од кланот обдарен со моана, немало позначајни потреси во општеството. Основна премиса била дека само со соработка и обостарано почитување на кратките уши и долгите уши може да се постигне равнотежа и благосостојба за островјаните.
РОНГОРОНГО
Рапануи создале свое писмо. Тоа писмо се состои од низа симболи кај кои секој втор ред е испишан во обратна насока. И покрај многу обиди, сеуште не е протолкувано писмото ронгоронго. Некои сметаат дека во суштина е протописмо, или низа симболи со естетска форма, што сеуште не е разјаснето. Претпоставувам дека „дрвото што зборува“, не е писмо соодветно за сваќањата на европјаните. Едноставно, тоа тешко може да биде прочитано од една индивидуа, како што е тоа случај кај другите писма. Кај ова писмо кое се состои од низа симболи секој втор ред е со обратна насока. Поединечното читање на секој од двата реда нема смисол.
Претпоставувам дека за разбирање на запишаното, неопходно е да се чита од двајца, кои седат еден наспроти друг и наизменично гласно читаат еден симбол (слог) по друг. Резултатот на таквото читање веројатно би била разбирлива порака. Тука не е важна силата со која се извикуваат симболите, напротив, ако тој што чита од едната страна го надгласа другиот, резултатот на читањето ќе биде многу сличен на неразумна кавга. Важно е да се чита со исто темпо и ист интензитетот на извикување. Вистинската порака е онаа што ја создаваат двете страни при синхронизирано читање. Дрвените таблички испишани со ронгоронго писмото го величале заедништвото и неминовната потреба од соработка помеѓу двете страни. Секако, содржината на табличките била поврзана со стории за разни настани и пригодни молитви за време на верските обреди. Верувам дека при верските обреди посветени на претците кои им помогнале заедно да создадат рај на островот, свештеник на долгите уши од едната страна, заедно со свештеник на кратките уши од другата страна, синхронизирано и гласно чителе записи од табличките. На тој начин, сите присутни можеле да ја разберат пораката дека заедништвото и соработката се начини на кој што можат да го преобразат островот во корист на двете страни. Претоиставувам дека и знамето на Рапа Нуи е инспирирано од ронгоронго читањето (синхронизирано извикување). На илустарација ва што следи е прикажан скромен обид за ојаснување на можната техника на употреба на Ронго ронго писмото.
ДР ТО ЗБО ВА ГЛА ОД НА ТО
ПРОПАСТ НА МИТОТ ЗА МОАИТЕ
Но, после низа успешни децении, можеби векови, просперитетното општество почнало да назадува. Назадувањето на општеството не се случило преку ноќ. Во желбата за оддавање на почит на претците, клановите се натпреварувале меѓусебе. Сакале да изработат поголем и подобро изработен моаи. Забележале дека со тек на време, моаите изработени од туф пропаѓаат. Скаменетата вулканска пепел не е отпорна на атмосферските влијанија. Се јавила идејата за изработка на моаите од значајно подобар и потраен камен базалт.
Нели претците и тековниот поглавица заслужуваат траен спомен. За благосостојбата што беше им ја оствариле заслужуваат квалитетни споменици што ќе траат долго.
Но, исто така дел од нив се противеле на таквата реформа и инсистирале да се почитуваат насоките дадени од Хау Матуа и Хау Мака. Створениот антагонизам ги поделил Рапануи во два табора со спротиставени идеи. Сепак, надвладеала струјата за реформирање на изработката на моаите со поквалитетниот и поиздржлив камен. Изработката на моаи од базалт била многу потешка поради цврстиот камен споредено со мекиот туф. Сите се надевале дека претците ќе бидат задоволни со изгледот и квалитетот на новите моаи. И навистина, со вложениот дополнителен труд и постапувајки идентично како и при изработката на моаито од туф, моаите станале многу поубави.
Но, подобрување на приносите изостанало и покрај разнесувањето на ископаната почва при изработката на полињата. Напротив, со тек на време, почнало да изостануваат богатите жетви. Секоја нова жетва била се посиромашна. Со тоа била поколебана вербата во моќта на моана и помошта од претците. Ова резултирало со незадоволство и дури и отворени судири помеѓу клановите за сега оскудните ресурси. Судирите меѓу клановите ги потврдиле предупредувањата на Хоту Матуа. Војната носи беда и за победените и за победниците.
МИТОТ ЗА ЧОВЕКОТ-ПТИЦА
Во периодите на истоштеност и глад, Рапануи побарале спас во нов мит што се потпирал на прибирање на јајцата на птиците кои сезонски го посетувале соседниот остров. Така настанал митот на човекот птица (Tangata manu ). Култот на богот Макамаке, што го сметале за творец на човештвото и плодноста, како и господар на човекот-птица, станал најголемиот верски празник. Макамаке е Богот што ги носел птиците на малото островче јужно од Велигденскиот остров. Негов придружник бил Хауа-господарот на јајцата, неговата жена ( Vie Hoa ) и уште една жена ( Vie Kenatea ). За време на церемонијата, секој од поклониците на овие четири богови, што биле натпреварувачи во церемонијата, добивале име.
Општеството претрпело мали, но значајни промени. Поседувањето моана повеќе не било на цена. Истото сега било заменето со почитување на храброст, снаодливост и сила. Изборот на поглавицата за едногодишен период бил реализиран за време на зимската пресвртница, празникот на Рапа Нуи во септември. Само наместо изработка на моаи поглавиците на клановите делегирале свои кандидати за трката и притоа кланот предводен од кланскиот поглавица ги бодрел натпреварувачите. Избраните претставници на клановите пливале во морето полно со ајкули до блискиот ненаселен остров Моту-Нуи (Motu Nui), каде се гнезделе сезонските птици. Задача на натпреварувачите била да го најдат првото јајце.
Штом првото јајце било пронајдено, само тој што го пронашол останувал на островчето се качувал на највисокото место и од таму им соопштувал на соплемениците на неговиот клан што од падините на кратерот Оронго го следеле натпреварот, дека поглавицата може да ја избричи главата, бидејки има јајце. Оние натпреварувачи кои кои не успеале во натпреварот заедно се враќале со пливање. Веста за победникот ја пренесувале оние што од островот го следеле натпреварот до селото на поглавицата. Победникот во натпреварот останувал сам на островчето. Пронајденото јајце го ставал во специјална црвена дрвена кошничка на главата и пливал до високата карпа што се наоѓа помеѓу островите.
Имињата на четирите богови и нивните следбеници биле споменувани при церемониите во текот на годината после натпреварот. Натпреварувачот што победил, ја водел процесијата до Анакена, ако бил од западните кланови, или до Рано Рараку ако бил од источните кланови. Човекот-птица ( Тангата ману ) бил сметан за особено заслужен и во следните пет месеци на неговиот посебен статус, се изолирал во посебна церемонијална колиба. Добивал подароци и не морал да се ангажира со никаква активност.Во текот на годината неговиот клан имал ексклузивно право на јајцата од островчето. Човекот птица носел перика од човечка коса и ги растел ноктите на рацете и ноѕете. Времето го поминувал во јадење и спиење без да се ангажира во каква било активност.
Катерина Рутлег (Katherine Routledge) англиски антрополог во 1914 та гоодина спровела истражување за Велигденскиот остров и за културата на островот. Таа ги запишала имињата на 86 Човек птици.
Култот на ЗАЕДНИШТВО бил заменет со култот на СОПЕРНИШТВО!
ПЕТРОГЛИФИ
Петроглифи се релјефни цртежи издлабени во карпите. Со петроглифи е запишан овој мит во карпите на неколку култни места на островот, меѓудругото и на некои од претходно изработените моаи. Најчести мотиви на петроглифите се боговите од митот на човекот птица.
Настапил период на деградација на островот. Обработката на земјата станала несигурна бидејки насилниците ја грабале жетвата. Имало се помалку земјоделски производи а јајцата на сезонските птици не биле доволни да се прехрани населението во текот на годината. Во пожарите предизвикани од судирите меѓу ривалските кланови биле уништени долгите дрвени куќи, такашто од нив останале само камените основи, со мал отвор од предната страна. Победникот во судирите практично немало што да граба од победените.