ГНЕЗДО (седело) Се сеќавам на детството што среќно го поминав - надвор. Една сурија другари со кои игравме кришмиш, шапче-лапче, џамија, бинек, џиздија, џандари и апаши, земја-земана...
Сепак, најинтересно беше собирањето јајца од птиците. Во тоа време вообичаено беше учениците во основното училиште да припремат некаква природонаучна збирка: хербариум (збирка на тревки), инсектариум (збирка со инсекти), збирка на цвеќе - разни цутој што прво се ставаа во ракија (ако имаше, а секогаш имаше дома препечена), се притискаа меѓу листовите на книга а потоа се лепеја во одделни листови придружено со името, за што моравме да ги прашаме постарите дома.
Природонаучна збирка за највисока оценка беше збирката со птичји јајца. И не секој беше способен да изготви таква збирка. Но, тука доаѓаше до израз тимската работа на другарите кои, секогаш се тука кога ти се потребни. Да се соберат птичји јајца за таква збирка не е едноставна работа. За јајца на диви гулаби моравме да се качуваме на кулите (охридската тврдина), по ѕидот, газејки и држејќи се за меѓупросторот на камењата од камениот ѕид. Дивите гулаби се гнездеа во дупките кои остануваат откако ќе иструлат гредите кои се вметнувале при градењето. Обично тие дупки беа на висина од околу пет метри и имаа длабочина од педесетина сантими и со отвор од околу десет сантими. Бидејки качувањето беше ризично и се плашевме, претходно долго набљудувавме каде влегуваат гулабите и дали се чифт. Откако ќе се искачевме по ѕидот ја вовлекувавме раката во дупаката и внимателно вадевме јајце. Слегувањето беше подеднакво опасно како и качувањето а за слегување по ѕидот се неопходни и нозете и рацете, јајцата ги носевме во уста. Само едно ако имаше повеќе, или ниедно ако беше само едно. Ако на гулабите му го украдете единственото јајце, тие го напуштаат гнездото. За јајцата на питомите гулаби беше едноставно, бидејки имаше тогаш, а има и сега одгледувачи, кои иако неволно, секогаш ќе издвоеја некое јајце за науката, а пред се за да спречат да бараме на друг начин.
За да собереме јајца на другите птици беше многу помакотрпно. Обично седелата се добро скриени и на недостапни места каде само со вешто качување по дрвата може да се досегнат. Најпрво треба да се научи како изгледа седело на секој вид птица, каде се гнезди, кога има јајца во седелото и греота е ако се земат јајца кои веќе треба да се изведат, пред се поради тоа што со тоа се уништува живот на птицата, кој само што не започнал, а и од практични причини бидејки таквите јајца не се погодни за збирката. За сместување во збирката јајца, обично во картонска кутија од кондури, тие треба да се припремат со отворање на мали отвори (со игла) за да се извлече содржината, што брзо се расипува, а ако во јајцето има птичка -тоа не е можно.
Тогаш се запознав со важноста што седелото (гнездото) ја има за птиците. Тоа е нивен дом. Тука го започнуваат животот и уште додека се обвиткани со тенкиот ѕид на лушпата на јајцето ја чувствуваат неговата топлина и верувам дишат во ритамот на настаните во него. Мирисот и опкружувањето на седелото со сите елементи на конструкцијата и градбениот материјал останува со нив до крајот на животот. Штом созреат и тие самите градат исто такво гнездо за своето поколение сеќавајки се на она што тогаш го осознале. Не е едноставно да се согради седело. Секој вид на птици има своја сопствен план за градење на седело. Некои велат дека тоа го прават инстиктивно, иако никој нe напишал сеопфатна дефиниција за тоа што во стварноста значи инстинктот.
Не се сите видови птици подеднакво надарени за градење. Има птици кои се вистински виртуози во градењето на кои многу архитекти, статичари и уметници би им завиделе. Постојат и такви кои не се многу надарени и тешко успеваат да направат солидно седело, отпорно на влијанијата на временските непогоди и заштитено од грабливците, кои се секогаш и секаде присутни. Но, со многу труд и внимателно набљудување можеше да се состави значајна збирка на птичји јајца.
Една птица ни задаваше тогаш најмногу проблеми - кукавицата. Не може да се лоцира незиното гнездо, бидејки такво не постои. Беше нужно внимателно да се провери секое седело со повеќе од едно јајце за да се најде јајце на кукавица. Се сеќавам дека можеби најдовме едно или две такви јајца, но никогаш не можевме да бидеме сигурни дека тоа е јајце на кукавица. Кукавиците многу умешно ги прилагодуваат своите јајца така што по големина и изглед не е можно да се разликуваат од другите во гнездото. Дури и самите птици кои го изградиле седелото често не се во можност да ги препознаат и да го одвојат туѓото од своите.
Верувам дека постои свест кај нив дека има подметнато туѓо јајце во гнездото, но секој од видовите птици не реагира на ист начин на тоа сознание: Некои птици, како видови од Африка, однапред го приспособуваат гнездото градејки го влезот од долната страна со исткаена цевка што може да ја издржи нивната тежина, но се распаѓа ако птица со поголема тежина се обиде да влезе во гнездото. Други пак на сомнежот за подметнато туѓо јајце реагираат со уништување на сите јајца во гнездото (и своите!, бидејки ќе можат да ги надоместат со други за кои ќе се сигурни дека се нивни). Некои се обидуваат со разни белези (шарки и форма) да ги означат јајцата за да е лесно препознавањето на туѓото, што е особено тешко бидејки кукавиците брзо се прилагодуваат својот облик на јајцето со новиот модел на јајце во гнездата.
Но, постојат и такви, кои иако се свесни дека туѓо јајце им е подметнато, ќе го прифатат како свое. Тука започнува нивната агонија. Младата кукавица е храбра птица. Таа ја осеќа околината на гнездото и присуството на своите полубраќа. И додека тие ја восприемаат конструкцијата на гнездото и се припремаат, кога ќе дојде време да изградат исто такво за своите идни поколенија, младата кукавица крои свој план. Нејзе градење гнездо не и е потребно. Треба да се испили прва, за да ги исфрли другите неиспилени јајца од гнездото. Ако не, тогаш ќе се обиде да ги истурга своите полубраќа и полусестри надвор од гнездото. Планот е едноставен. Најпрво со силно цифкање и оттургнување на другите ја користи слабоста на родителите да го хранат она пиленце што е најгласно, бидејки сметаат дека со тоа покажува оти е најгладно. Откако ќе стекне доволно сила, младата кукавица ги турга своите полубраќа и сестри од седелото или родителите ги отстрануваат бидејќи послабите умреле од неисхранетост. Кукавицата има неверојатен апетит и родителите не можат да земат здив од непрестаната потрага по храна за чедото. Наскоро, седелото е претесно за младата кукавица и тоа се распаѓа. Но, на кукавицата тоа не и е важно. Се спрема наскоро да одлета оставајки зад себе исцрпени родители кои веќе и немаат дом. Растуреното гнездо веќе и така не е потребно. Хранењето на кукавицата продолжува и натаму со несмален интензитет на местото каде порано беше гнездото. Птиците се современици на диносаурисите или нивен подвид. Присутни се на земјава пред цицачите и луѓето. Лугето со особена страст ги проучуваат веќе долго време. Некои видови гнезда се за лугето и многу скап гурмански специјалитет...
Важноста на гнездото може да се согледа и од присутноста на терминот за фигуративно опишување на некои состојби како што се термините ластовичко гнездо, шпијунско гнездо, арамиско гнездо или еве, овде опишано, кукавичко гнездо.
И домот е гнездо.
И татковината е гнездо.
И планетата Земја е гнездо...